Никако комплетни: Костоски и Крстевски се приклучија, ама Трајковски се повреди!

Наместо на плажа на заслужен одмор, кошаркарските репрезентативци на Македонија топлите летни денови ги минуваат во малата сала во спортскиот центар „Јане Сандански“ подготвувајќи се за дуелот со Швајцарија (28 јуни), последен од првата фаза од претквалификациите за ЕП 2021, решени да ја крунисаат досегашната добра игра и да дојдат до посакуваниот резултат кој ќе им го осигура првото место во групата.

Но, колку и да е желбата голема, а атмосферата позитивна, не е сѐ така идеално во репрезентативниот табор, пред сѐ поради проблемите со повредите кои уште од стартот му создадоа главоболки на селекторот Јорданчо Давитков. Последен на листата е новиот центар на унгарски Пакс, Бојан Трајковски, кој вчера по еден пожртвуван старт го повредил лакотот поради што отсуствува од денешниот тренажен процес. Претходно, извесен период отсуствуваше Бојан Крстевски поради болки во 'рбетот, но се врати во ритам, а уште од стартот настапот за националниот тим поради повреди го откажаа Дарко Соколов и Кирил Николовски.

„Повредата на Трајковски не делува дека е сериозна, но превентувно тој ќе мине детални лекарски прегледи да се утврди тежината на проблемот. Верувам дека набрзо ќе се врати на тренинзите со истата желба и енергија како од почетокот на подготовките“, ни изјави селекторот Јорданчо Давитков.

На паркетот во салата „Јане Сандански“ може да се забележи и Александар Костоски, кој го пропушти почетокот и кој по неколку дена дополнително ѝ се приклучи на репрезентацијата. Со оглед на неколкуте откази и задоцнувања, селекторот реши дополнително на тренинзите да ги приклучи и Предраг Пајиќ од Фени индустри, кој заедно со Горан Главчев, Виктор Ефремовски и Дамјан Робев се најде на поширокиот список на Давитков.

Меѓу најагилните на тренинзите е и новиот Американец, Шејн Витингтон, кој одушевува со својот професионализам и желба да се прикаже во најдобро светло. Станува збор за различен тип на центар од Ричард Хендрикс, кој, сепак, и тоа како може да ни помогне во следниот период.

„Шејн одлично се снаоѓа во новата средина и со секој тренинг покажува квалитет кој и тоа како ќе ни биде од корист на дуелот со Швајцарија. Различен е од Хендрикс, но знае да игра и сигурен сум дека ќе успееме да го извлечеме максимумот од него“, дополнува предводникот на жолто-црвените.

Македонија досега има чисти 3-0 во овој прелиминарен претквлаификациски циклус, што значи дека на 28 јуни во швајцарскиот град Фрибург би ѝ одговарал и пораз со не повеќе од 15 поени разлика за да обезбеди сигурен пласман во следниот круг.