Најлошиот македонски селектор стана најплатен тренер надвор од НБА!?

Српскиот стратег Драган Раца ќе остане запишан во историјата на македонската кошарка како најлош селектор на жолто-црвената селекција, не само по ужасниот настап во квалификациите за ЕП 2017, туку и по односот што го имаше со нашата спортска јавност, но и покрај тоа, од денеска, тој е најплатен светски тренер надвор од НБА.

Така барем помпезно се пофали неговиот менаџер Миња Илиќ, откако некогашниот предводник на македонската селекција потпиша тригодишен договор со кинескиот тим Вухан Дангдаи од НБЛ-лигата, која е втора по квалитет во оваа земја. Сумата за која Раца потпишал во Кина не е позната, но тешко е да се поверува дека е поголема од платите кои ги имаат предводниците на ЦСКА, Реал Мадрид, Ефес Пилсен, па и на кинеските екипи што играат во елитната ЦБА-лига. Единствена причина за евентуалниот богат договор на Србинот е фактот што ќе работи во градот кој важи за епицентар на пандемијата со коронавирусот.

Раца во Македонија дојде како тотален анонимус, а си замина како најголем лузер, кој ќе остане запаметен по теоријата која упорно ја наметнуваше и сопствената презентација како писател, математичар, филозоф, а најмалку по учинокот на паркетот. Жолто-црвените под негова команда имаа две победи и четири порази во квалификациите за ЕП 2017, каде што не се пласиравме првпат по низа од четири континентални собири по ред.