Најдобриот македонски кошаркар прв го порази големиот Баерн Минхен!

Македонскиот репрезентативец и наш најдобар кошаркар во моментов, Војдан Стојановски одигра блескаво во синоќешната победа на неговиот Олденбург против досега неприкосновениот Баерн Минхен (83-82), во меч од 20 коло од Бундеслигата.

Тоа беше прв пораз сезонава за Баварците, на кој нашиот интернационалец најмногу му кумуваше и тоа со учинок од 16 поени и по три скока и украдени топки. Стојановски беше централна фигура во првото полувреме, во кое Олденбург резултатски се одлепи, со оглед што во тој дел од играта постигна 14 поени без ниту едно промашување од поле (6/6).

Баерн Минхен се врати во игра во вториот дел, но домашните имаа среќа во финишот и со три прецизно изведени слободни фрлања на Американецот Камингс во последните секунди до драгоцената победа.

Тимот на Стојановски сега е на второто место со скор 16-4, зад сѐ уште убедливиот тим од Минхен кој сега има учинок 19-1.