Најдобрата петорка на ЕП без Јокиќ и Дончиќ, МВП на финалето – актер од Холивуд!

Тешко дека пред почетокот на ЕП 2022 некој би прогнозирал дека во најдобрата петорка на шампионатот ќе ги нема можеби најдобрите европски претставници во НБА – Никола Јокиќ и Лука Дончиќ, ама тоа се случи.

Новинарите кои гласаа решија дека прераната елиминација на Србија и Словенија е доволна причина да ги изостават двајцата чудесни кошаркари од место меѓу петмината најдобри, меѓу кои се најдоа Денис Шредер (Германија), Лоренцо Браун (Шпанија), Вили Ернангомес (Шпанија), Руди Гобер (Франција) и Јанис Адетокумпо (Грција).

Признанието најкорисен играч на првенството (МВП) заврши во рацете на Шпанецот Вили Ернангомес, кој заедно со својот брат Хуанчо беше ударната сила на новата „црвена фурија“ на патот кон четвртиот триумф на Стариот континент. Токму Хуанчо, кој е актуелен и како актер од Холивуд со една од главните улоги во блокбастерот „Хасл“, беше избран за МВП на финалната средба, со 27 поени и 7/9 шут за тројка.