Награда за фантастичната сезона: Рајковиќ уште две години на клупата на Астана!

Македонскиот кошаркарски стратег, Емил Рајковиќ и следните две сезони ќе седи на клупата на Астана (Казахстан), најпријатното изненадување во третата најсилна лига во Европа (ВТБ-лигата), во која беше избран за тренер на годината и тоа во конкуренција на предводникот на големата ЦСКА Москва, Димитрис Итудис.

Поранешниот предводник на Фени индустри, Работнички и МЗТ Скопје оствари историски пласман со Астана и обезбеди место во плејофот дури пет кола пред крајот на регуларниот дел од првенството. Воедно тој се закити со двојната круна на домашна сцена, што беше доволно управата на казахстанскиот гигант да му понуди продолжување на соработката.

„Клубот ми понуди продолжување на договорот, а јас ги прифатим условите за нова двегодишна соработка. Ќе сториме сѐ за да направиме уште поголем успех идната сезона. Моја желба е да играме уште побрзо, со што би правеле проблеми на силните противници“, изјави Рајковиќ.

За него ова е трет клуб во странство, откако претходно работеше во полските прволигаши Сласк Вроцлав и Стал Остров.