„Му честитаме на Пеце за финтите, но се излажал ако мисли дека е сѐ готово“

Рашомонијадата во македонската кошарка очигледно нема да заврши со денешното Вонредно Собрание на кое беше изгласана доверба за актуелното раководство на МКФ предводено од Петар Наумоски, откако од неговите противкандидати прво реагираше Владо Илиевски, а потоа и од таборот кој стои зад Зоран Дамјановски-Циц.

Со соопштение до јавноста се јавија и претставниците на Работнички и Куманово, клубови за кое е јавна тајна дека стојат за поранешниот градоначалник на Куманово и неговиот ментор Даниел Димевски, испраќајќи директна порака до Пеце и неговите соработници. Тие не ја прифаќаат одлуката да нема ново барање за промени во следните две години, сметајќи дека таа е донесена надвор од Статутот на федерацијата.

Нивните зборови ви ги пренесуваме во целост.

„Почитувани, во одговор на изјавата на Петар Наумоски дека клубовите не биле за негова смена туку тоа било желба на поединци сакаме јавно да му порачаме дека само се залажува себе и неупатените поединци. Факт е дека денеска клубовите од Прва лига мажи и жени скоро сите до еден со мали исклучоци гласаа недоверба на ова неспособно раководство. Гласаа недоверба зошто резултатите во кошарката откако тој ја презема се повеќе од очајни. Спортот и организацијата со која ние се гордеевме ја претвори во предмет за потсмев.

Ако Петар Наумоски мисли дека ја завршил работата со тоа што ќе владее со измислени здруженија кои за дневни потреби трипати ги менува и веќе никој не знае кој кого застапува и за која цел, грдно се излажал. Ние, кошаркарските клубови со најголема традиција, важност и влијание, без намера никого да омаловажиме, јавно му порачуваме дека не ја прифаќаме одлуката тој да ја раководи со МКФ во наредните две години бидејќи таквата одлука е спротивна на Статутот, кој да биде сменет е потребно двотретинско мнозинство. Оваа битка Петар Наумоски ја доби и му честитаме на мангупските финти и дриблинзи за кои му нема равен. Сепак за вистинско раководење на една сложена организација како што е МКФ потребно е многу многу повеќе и затоа борбата за подобро кошаркарско утре продолжува“, се вели во соопштението на Работнички и Куманово.

Набрзо по Собранието, Илиевски исто така се обрати во јавноста потенцирајќи ги работите поради кои го оспорува денешниот собир на клубовите и му порача на Наумоски веднаш да си поднесе оставка.