Младеновски одигра ѕверски против еден од тренерите кои не му дадоа шанса во МЗТ Скопје!

Заминувањето во Словенија се покажува како одличен потег за репрезентативниот центар Љубомир Младеновски, кој викендов одигра уште еден фантастичен меч во дресот на Илирија и тоа како еден од најзаслужните за победата на гостински терен против Златорог Лашко (75-66).

Популарниот Бубе средбата ја заврши со дабл-дабл ефект од 20 поени и 11 скока и тоа со само четири промашувања од поле (10/14) и тоа за само 23 минути поминати на паркетот поради проблеми со личните грешки. Ова беше меч со посебен мотив за Младеновски, со оглед што од другата страна на клупата беше поранешниот македонски селектор Алеш Пипан, кој воедно е и еден од плејадата тренери кои не му дадоа вистинска шанса за време на четиригодишниот престој во МЗТ Скопје.

На досегашните шест средби, македонскиот центар има просек од 12,7 поени и 8,8 скока со што е најдобар скокач во тимот. Неговата Илирија во моментов е четвртопласирана со скор 3-3.

Добрите игри на Младеновски дефинитивно се добра вест и за актуелниот предводник на жолто-црвените, Јорданчо Давитков, кој утре ќе ја одржи првата прозивка на националниот тим во пресрет на претквалификациските средби против Словачка на гости и Швајцарија дома закажани за 23 и 26 ноември.