Американец од Работнички добива пасош да игра за Македонија?!

Американецот кој дефинитивно е меѓу најдобрите во моментов во домашното првенство, Маркус Гинјард (30 год, 196 см.), веќе подолг период е во преговори со предводниците на кошарката кај нас за добивање македонски пасош и играње за репрезентацијата на Македонија, дознава Спорт1.

Станува збор за кошаркар на Работнички, кој е меѓу најзаслужните за лидерската позиција на центарци и беспрекорниот скор 6-0 во досегашниот дел од шампионатот. Гинјард игра на позициите бек-шутер и ниско крило, има повеќе од солидно интернационално искуство и сигурно би бил од огромна помош на селекторот Јорданчо Давитков, нормално ако успешно финализираат преговорите и ако навреме биде завршена процедурата околу државјанството. Жолто-црвените следниот четврток ќе ѝ гостуваат на Словачка, а три дена подоцна ќе ја пречекаат Швајцарија во претквалификациите за ЕП 2021.

Според нашите информации, Гинјард, сепак, не е првата опција на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) за пополнување на местото за натурализиран кошаркар во составот предводен од Давитков. Тоа е исто така Американец, чие име засега се држи во тајност, а кој настапува во тим кој не игра во Евролигата поради што би можел веднаш да го облече дресот со национални обележја. Дури ако не успее оваа опција, Наумоски би го активирал планот „Б“ со кошаркарот на Работнички, кој немал проблем да биде бекап-варијанта на мистериозниот, за пошироката јавност, сонародник.

Луѓето од Куќата на кошарката со вакви проблеми со соочуваат најмногу поради војната на реалција ФИБА-УЛЕБ поради која не може да биде повикан Џордан Теодор, кој летово настапуваше за Македонија во квалификациите за СП 2019 против Косово и Естонија. Тој игра за евролигашот Армани Џинс поради што илузорно е да се очекува дека ќе влезе во војна со својот клуб за да игра за Македонија. На поширокиот список на Давитков се и Ричард Хендрикс и Лестер Бо Мекејлеб, кои дури и не возраќале на телефонските повици со што покажале колкава е нивната желба повторно да го облечат жолто-црвениот дрес.

Со оглед што средбите против Словачка и Швајцарија се за седум односно десет дена, а подготовките на националниот тим почнуваат веќе в недела, можеби најреално е да се очекува дека македонската селекција ќе настапи без странци во тимот. Ако тоа се случи, тоа би било првпат по 15 години да не користиме помош од интернационалец, нешто што првпат го воведовме во квалификациите за ЕП 2003 кога дресот на Македонија го облече Србинот Слободан Шљивaнчанин.

И.К.