Македонската кадетска репрезентација успешно го почна настапот на Европското првенство (ЕП), откако вечерва, по голема борба во салата СРЦ „Кале“, ја совлада Црна Гора (69-62) со што најавија подобрување на лошиот впечаток кој летово го оставија нивните постари колеги во јуниорска и младинска категорија.

По првата изедначена четвртина, во која двете селекции се менуваа во минимално водство, следуваше фантастична серија 20-2 на жолто-црвените за највисоки на средбата плус 17 (16-33). Тоа, сепак, не гаранираше мирен финиш, бидејќи противникот в последниот период направи голем пресврт, па дури и дојде во водство. Но, македонските таленти покажаа храброст, уфрлија во „петта брзина“ и со тројката од табла на Димитар Зетов во последната минута ставија печат на значајниот триумф.

Токму Зетов беше најпрецизен во нашата селекција со 20 поени и пет скока, додека зад него беа Никола Јаничиќ со 14 и Стефан Стојковиќ со 11 поени и седум скока. Црногорците го имаа феноменалниот Давид Мирковиќ чии 30 поени и 19 поени, за среќа, не им беа доволни за триумф.

Нашите момци вториот меч го играат утре и тоа против Грција (18.45 часот). Пласман во осминафиналето обезбедуваат сите 16 селекции, а пресметките во првата фаза се за обезбедување полесен ривал на стартот од нокаут-фазата.