Македонски тренер седна на клупата на прволигаш од кошаркарска Литванија!

Еден од најперпективните македонски кошаркарски тренери, Никола Василев, следната сезона, како прв тренер, ќе го предводи литванскиот прволигаш Џукија.

Тој доаѓа на местото на Валдемарас Хомичиус, со кого овој тим беше последен на табелата во минатата сезона, која предвреме беше прекината поради пандемијата со коронавирусот. Василев претходно беше помошник во стручниот штаб на овој клуб, а во литванската кошарка работи од 2015 година, кога беше кооптиран во стручниот штаб на Литвос Ритас. Македонецот веќе беше в.д. тренер на Џукија во 2017 година, но тогаш не доби поголема шанса од управата, која сега ја исправа грешката.

Василев пред две години беше селектор на младинската репрезентација на Македонија, а во моментов работи и како асистент во стручниот штаб на предводникот на македонската сениорска селекција, Александар Тодоров.