Македонски кошаркар доби судски спор со Галатасарај и инкасира - 100.000 долари!

Еден од најдобрите македонски кошаркарски репрезентативци, Ричард Хендрикс, влезе во судска битка со турскиот прволигаш Галатасарај пред Арбитражниот суд на ФИБА (БАТ), барајќи исплата на долг од нешто повеќе од 80.000 долари, процес кој на крајот заврши со – негова победа.

Центарот, кој од 2014 година настапува за Македонија и кој одигра пет од седум натпревари на жолто-црвените во актуелниот претквалификациски циклус за пласман на ЕП 2021, минатата сезона настапуваше за екипата од Истанбул за вкупна сума од 275.000 долари. Турците му останаа должни три плати, поради што тој експресно ги доби на БАТ, со чија пресуда освен основниот долг од 81.832 долари ќе добие и камата од 5-отсто сѐ до исплатата на парите како и дополнителни речиси 11.000 евра како компензација за судските и адвокатски трошоци.

Хендрикс е првиот кошаркар кој настапувал за македонската репрезентација кој добил спор на арбитражата на ФИБА, која во последно време е сѐ поактуелна со оглед на финансиската криза во многу европски клубови, а особено во Турција. Работа со БАТ имале и неколку македонски екипи, но единствено Работнички доби суспензија од ова правно тело на Светската кошаркарска федерација, поради неисплатените обврски кон српскиот интернационалец Дарко Чохадаревиќ од минатата сезона.