В понеделник ја почнуваме најсрамната епизода од кошаркарската историја!

Македонската кошаркарска репрезентација со првиот тренинг закажан за в понеделник (9.30 часот, сала „Јане Сандански“) ќе ги почне подготовките за настап во најсрамниот циклус во досегашната репрезентативна историја, со оглед што ова е најниско ниво во кое некогаш настапувале жолто-црвените.

Жолто-црвените на 23 и 26 ноември ќе ги одмерат силите со Словачка на гости односно Швајцарија дома во првата фаза од претквалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2021 година. Ако континенталниот собир е целта кон која стремат македонските репрезентативци, тогаш во моментов тие се наоѓаат дури три спрата под земја, што е најблиску можно до кошаркарскиот пекол.

За да дојдеме онаму каде што до пред некоја година бевме редовни учесници, треба успешно да минеме два круга од претквалификациите, а потоа и низ исклучително силните квалификации. Причина за ова е срамниот исход од настапот летово против Естонија и Косово, кој нѐ доведе во ситуација уште сега да играме за нешто што е на програмата по дури четири години и тоа во период кога најголем дел од селекциите се борат за пласман на следниот Мундобаскет.

Главна причина за падот на Македонија на едно вакво дереџе се големиот број откази на потенцијалните репрезентативци, што уште повеќе може да дојде до израз по гафот на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) со задоцнетото осигурување поради кое за малку не настрада Марко Симоновски. Токму ова, воедно е и главна причина што на три дена пред првиот тренинг јавноста нема поим на кои кошаркари во моментов смета селекторот Јорданчо Давитков, односно кој сѐ ќе се појави на паркетот во салата „Јане Сандански“.

На поширокиот список од 24 играчи се најдоа речиси сите кои во моментов заслужуваат да играат за Македонија, меѓу кои има и тројца странци – Џордан Теодор, Ричард Хендрикс и Лестер Би Мекејлеб. Тука се и Перо Антиќ и Предраг Самарџиски чиј евентуален настап би бил еднаков на осмо светско чудо. Постојат најави за натурализирање на кошаркарот на Работнички, Маркус Гинјард, а во игра е и уште еден негов, засега непознат, сонародник.

Ако би морале да нагаѓаме, на првиот тренинг на Давитков очекуваме да се појават Александар Костовски, Бобан Стајиќ, Андреј Маслинко, Ненад Димитријевиќ, Адем Мекиќ, Бојан Крстевски, Дамјан Стојановски, Војдан Стојановски, Стојан Ѓуроски, Кирил Николовски, Ѓорѓи Чековски, Љубомир Младеновски, Марјан Јанески и џинот Марко Дујковиќ.