Македонија си „купи“ плејмејкер од САД, се подготовува ангажман и на нов - центар!

Македонската кошаркарска репрезентација во следниот квалификациски циклус за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2022 година сигурно ќе настапи со нов странец во тимот, откако пред крај е натурализацијата на плејмејкер од САД, а во план е и да се даде пасош и на Американецот кој игра на центарската позиција, потврдуваат од македонската Куќа на кошарката..

Наскоро се очекува македонски пасош да добие Аскија Букер (27 год, 188 см), кој во моментов е без клуб, а кој во изминатите две сезони настапуваше за шпанскиот прволигаш Мурсија. Претходно мина неколку месеци во дресот на Реал Бетис, а европското искуство го почна во грчкиот тим Аркадикос во 2015 година. Претходно таа година, откако не беше избран на НБА-драфтот, настапуваше за Филаделфија севентисиксерс во Летната лига, но не успеа да се избори за договор. По кусата грчка епизода, се врати во САД и две години беше дел од Џи-лига, настапувајќи за развојните тимови на Феникс односно Филаделфија.

Според информациите од националниот тим, Букер, кој изминативе неколку дена е во Скопје, каде што тренира во салата СРЦ „Кале“ во очекување да се завршат административните работи, нема да биде единствениот нов натурализиран кошаркар кого селекторот Александар Тодоров би го имал на располагање, со оглед на желбата да се даде пасош и на квалитетен центар. Процесот на избор на овој играч е во тек, по што предводникот на националниот тим би бил на „слатки маки“ пред секој натпревар кога би требало да реши дали да ја засили бековската линија или бедемот под кошевите.

Македонија ги загуби првите две квалификациски средби против Естонија дома и Русија на гости, на кои улогата на странец ја имаше Шејн Витингтон, кој кариерата ја продолжи во Јапонија од каде што тешко би можел да одговори на барањата на Тодоров. Според сѐ уште актуелниот план на ФИБА, следните два натпревари ќе треба да ги одиграме во ноември и тоа против Италија и против Естонците на гости, но постојат огромни шанси овие дуели воопшто да не се одиграат во овој термин поради пандемијата со коронавирусот, туку сите квалификациски дуели да се прологнираат за следната година.