Македонија остана без најдобриот играч во пресрет на квалификациите за ЕП 2021!

Македонската кошаркарска репрезентација речиси сигурно нема да може да смета на натурализираниот Американец Ричард Хендрикс во претстојните квалификации за ЕП 2021, откако тој денеска, според специјализираниот кошаркарски сајт „Спортандо“, го официјализира трансферот во далечната Јапонија каде што ќе игра за тимот на Осака Евеса.

Искусниот центар тешко дека би добил дозвола за настап за жолто-црвената чета во првиот прозорец во февруари следната година кога прво ќе ја пречекаме Естонија, а потоа ќе ѝ гостуваме на Русија. Тоа значи дека селекторот Јорданчо Давитков или неговиот евентуален наследник би можеле да сметаат само на Шејн Витингтон, кој неодамна потпиша за Реал Бетис, или, пак, би се натурализирал нов Американец.

Неиграњето на Хендрикс ќе биде голем удар за македонската селекција со оглед што станува збор за најдобриот поединец во тимот со просек од 23 индексни поени во претквалификациската фаза за пласман на следниот континентален собир, кој со 15,3 поени беше втор стрелец, а со 10,7 скока и прв скокач во репрезентацијата.

Во нашата група освен Русија и Естонија е и еден од организаторите на ЕП 2021, селекцијата на Италија, која обезбедува директен пласман. Останатите три екипи ќе се борат за преостанатите две места за пласман на собирот на најдобрите на Стариот континент.