Скопје ќе биде домаќин на кошаркарско ЕП на кое нема да игра Македонија?!

Челниците на Македонската кошаркарска федерација денеска се пофалија дека следното лето ќе бидат организатори на две континентални првенства за девојчиња, откако по претходно добиената завршница на второлигашкиот шампионат за јуниорки добија и право да ги нагостат најдобрите селекции во Европа за кошаркарки до 16 години.

Ова е првпат улогата на домаќин да ја има земја чија репрезентација не е дел од А-дивизијата во таа возрасна категорија, а ниту фактот што средбите ќе се играат во Скопје не ги „натера“ европските челници да ја протнат нашата селекција меѓу тие што ќе се борат за највисок пласман. Ваков преседан одамна не е виден во европската кошарка, без разлика што станува збор најмалата возрасна категорија и тоа во женска конкуренција.

„Ова е уште едно признание за МКФ од страна на ФИБА, доказ дека во изминативе години бевме одлични организатори на ЕП од младински категории, што е потврдено и препознаено со тоа што за првпат се доделува организација од А дивизија (откако е воведена) на земја која не е учесник на истото“, истакна меѓу другото генералниот секретар на МКФ, Моника Гаврилоска.

ЕП за кадетки ќе се одигра во престолнината и тоа во периодот од 22 до 30 август следната година.