Најголемите светски кошаркарски таленти в година ќе гостуваат во Македонија?!

Челниците на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) денеска официјално ја информираа јавноста дека се пријавиле за организација на Светското првенство (СП) за кошаркари до 17 години, кое, според календарот на Светската федерација (ФИБА), ќе се одигра во 2020 година.

Апликацијата на нашата Куќа на кошарката е прифатена, поради што изминатиот викенд во Скопје претстојувал претставник од ФИБА, Жил Тоноли, кој заедно со генералниот секретар на МКФ, Моника Гавриловска, направил инспекција на објектите во кои би се одиграле натпреварите. Станува збор за салите „Борис Трајковски“, „Јане Сандански“ и големата сала во СРЦ „Кале“, а биле проверени и сместувачките капацитети кои би се користеле од страна на репрезентациите.

Засега нема прецизна информација кои држави се конкуренти на Македонија во обидот да се дојде до организација на овој Мундобаскет, за кој традиционално има интерес од многу кошаркарски развиени земји со оглед што во последните десетина години бил организиран во Аргентина (2018), Шпанија (2016), Литванија (2012) и Германија (2010).