Македонија го најави крахот: СФРЈ повеќе не е светска кошаркарска велесила!

Натпреварите од септемврискиот квалификациски прозорец за Светското првенство (СП) в година во Кина само дополнително го потврди заклучокот кој некако се наметнуваше изминативе години, а тоа е дека поранешната СФР Југославија не е повеќе светска кошаркарска велесила.

Ако пред само пет години сите шест републики од поранешната заедничка држава беа дел од континенталниот собир во Словенија, а на претходниот Мундобаскет нашиот некогашен простор беше застапен со тројца „претставници“ (Србија, Хрватска и Словенија), на следниот собир на најдобрите светски ѕвезди би можеле да има само – една. Неуспехот на некогашните браќа е уште поголем ако се знае дека ова ќе биде прв светски шампионат со дури 32 селекции, за разлика од погоре споменатото ЕП и СП на кои настапуваа по 24 репрезентации.

Единствена со реална можност за пласман во Кина е националниот тим на Србија, кој е третопласиран во групата Л и тоа со две победи повеќе од директните конкуренти на четири кола пред крајот на квалификациите. Дефинитивно испаднати од конкуренција веќе се репрезентациите на БиХ и зачудувачки на актуелниот европски првак Словенија, кои во моментов се последнопласирани во групите И и К со скор 2-6.

По синоќешниот пораз на гости кај Полска, блиску до испаѓање е и Хрватска, која исто така е на дното од групата Ј со една победа повеќе од соседите, но без реално шанси да направи чудо и да дојде до третата позиција на табелата. Шанси за пласман на Мундобаскетот сѐ уште постојат и за Црна Гора, која со скор 4-4 е четвртопласирана во групата И, но пред себе има дури четири исклучително тешки меча против директните конкуренти и тоа на двапати со незгодната Летонија како и со Турција и Украина.

Македонија, пак, уште минатото лето се прости со можноста да игра за пласман на СП, откако се посрамоти во пресметките со Косово и со Естонија, поради што мораше да игра во две претквалификациски фаза за натпреварување кое ќе се игра дури по три години (ЕП 2021).

Следната квалификациска фаза е на крајот од ноември и почетокот на декември, додека конечниот изглед на табелата и имињата на 12-те патници за Кина ќе се дознаат следниот февруари. Досега пласман на Мундобаскетот имаат обезбедено селекциите на Литванија и на Чешка.