„Македонија е кошаркарска земја, но нема однапред да им се предадеме!“

Кошаркарската селекција на Словачка влегува како најголем конкурент за освојување на последното место во групата Ф од претквалификациите за СП 2023, кое единствено не води во следната фаза, но тоа не ги загрижува луѓето од националниот тим, кои најавуваат – жестока борба.

Новиот селектор на Словаците, Олег Мелешченко, смета дека неговиот тим можел да добие и полоша група.

„Сите знаеме дека Македонија е кошаркарска земја. Но,тоа не значи дека однапред ќе им се предадеме. Нема да ни биде лесно, но би се охрабрил да кажам дека шансите ни се 50-50, во зависност од составот со кој ќе настапат Македонците, но и од нивната мотивација во едно вакво натпреварување. На нас ни останува да се бориме и да веруваме, особено што сметам дека сме на исто ниво со Швајцарија. Очекувам интересни натпревари и борба до самиот крај, без однапред сигурен фаворит“, вели Мелешченко.

На неговите зборови се надополнува еден од најискусните репрезентативци, Ричард Корнер.

„Противниците ни се добро познати, против нив игравме неколку пати изминативе години. Дефинитивно имаме шанси и против Швајцарија и против Македонија“, вели Корнер.

Македонија и Словачка играа двапати во претквалификациите за ЕП 2021, средби кои завршија со триумф на жолто-црвената чета.