Македонија доби нов Американец кој е горд што ќе игра за – кошаркарска нација!

Македонската кошарка на претстојните квалификациски средби против Италија (28 ноември) и Естонија (30 ноември), кои ќе се одиграат турнирски во Талин, ќе го добие 12-тото странско засилување во настапите на официјалните средби изминативе две децении.

Станува збор за Џејкоб Вајли (26 год, 203 см), кој во моментов игра за шпанска Гран Канарија и кој треба да биде помош на позицијата крилен центар. Претходно, жолто-црвениот дрес на средбите од квалификациите за Европските првенства и тие на континенталните собири и на предолимписките квалификации го носеа Слободан Шљиванчанин, Кенион Џонс, Рајан Стак, Мајк Вилкинсон, Маркиз Грин, Џеремаја Мејси, Лестер Бо Мекејлеб, Ричард Хендрикс, Ромео Тревис, Џордан Теодор и Шејн Витингтон. Низ годините макеоднси пасоши добиваа и играчи како Дариус Вашингтон, Кевин Флечер и Кенеди Винстон, но тие играат само на пријателски средби (првиот) односно воопшто не го облекоа дресот на националниот тим.

„Многу сум благодарен за можноста да ѝ помогнам на Македонија. Кога ми беше презентирана идејата да играм за оваа кошаркарска земја, не се двоумев да кажам 'ДА'. Сакав да учествувам во ова“, вели Вајли.

Тој не ги познава своите нови колеги во националниот тим, како и селекторот Александар Тодоров, но во тоа не гледа никаков проблем.

„Не сум се сретнал со нив, секако поради овие околности во кои живееме во изминатиот период. Но јас сум доста адаптабилен тип. Мислам дека брзо ќе воспоставиме добри вибрации со соиграчите. Очекувам и јас и моите соиграчи да го дадеме последниот атом на енергија, да вложиме максимален напор и да тргнеме во она што од нас се бара - да победуваме!“, дополнува новиот Македонец.

Вајли има искуство и од НБА лигата, кога пред три години одигра пет средби во дресот на Бруклин нетс, а во летото 2018 година играше и за Далас маверикс во Летната лига. Минатата сезона настапуваше за Панатинаикос, а има искуство од играње во Германија и од далечната Австралија

Лани, новиот македонски Американец одигра 20. натпревари во дресот на Панатинаикос во кои имаше просек од 9.4 поени и 3.7 скока. Во текот на оваа сезона за Гран Канарија просечно реализира по 9.8 поени и 2.3 скока во шпанската „Ендеса“лига.