Кошаркарот на шпански Хувентуд, Ненад Димитријевиќ, првпат во кариерата го доби признанието за кошаркар на годината, откако го доби најпрестижното признание на вечерашната гала-свеченост во организација на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ).

Со ова, 21-годишниот кошаркар влезе меѓу најголемите великани на макбаскетот како Петар Наумоски, Врбица Стефанов, Перо Антиќ, Тодор Гечевски, Ѓорѓи Чековски, браќата Стојановски..., најавувајќи нова ера, која претходно денеска ја најави и новиот селектор на националниот тим, Александар Тодоров.

Убедливо најмногу награди доби актуелниот шампион МЗТ Скопје, кој „собра“ дури четири признанија. Две беа освоени како најдобри екипи во сениорска и младинска конкуренција, како и за најдобар тренер кај сениорите, Ѓорѓи Кочов и во машка младинска конкуренција, Горан Крстевски.

Посебно признание доби Емил Рајковиќ, творецот на казахстанското кошаркарско чудо Астана, кој пред извесно време стана и селектор на репрезентацијата на оваа земја. Екипата на ЖКК Вардар е најдобра во женска конкуренција, каде што најдобар тренер е Жаклина Стојановска, а најдобра кошаркарка Александра Стојановска, која игра во Албанија.

Постхумно признание доби прерано починатиот делегат и поранешен судијаИгор Стојанов за особен придонес во кошарката, а свое место меѓу наградените добија и припадниците на Специјалната олимпијада. Челниците на КФСМ доделија и плакети на своите спонзори, кои ги помагаа финансиски и логистички во изминатата 2019 година.

ЛИСТА НА НАЈДОБРИТЕ ЗА 2019 ГОДИНА

Најдобар кошаркар: Ненад Димитријевиќ (Шпанија).

Најдобра кошаркарка: Александра Стојановска (Албанија).

Најдобар тренер во странство: Емил Рајковиќ.

Најдобар тренер во машка конкуренција: Ѓорѓи Кочов.

Најдобар тренер во женска конкуренција: Жаклина Стојановска.

Најдобра машка екипа: МЗТ Скопје.

Најдобра женска екипа: ЖКК Вардар.

Најдобар судија: Александар Милојевиќ.

Најдобра младинска репрезентација: Машка кадетска репрезентација.

Најдобар млад кошаркар: Андреј Јакимовски (Италија)

Најдобра млада кошаркарка: Илина Селцова (Унгарија).

Најдобар тренер во машки младински категории: Горан Крстевски (МЗТ Скопје).

Најдобар тренер во женски младински категории: Владимир Ѓоровиќ (Струга 2009).

Најдобра машка младинска екипа: МЗТ Скопје.

Најдобра женска младинска екипа: Бадел 1862.