Лазар Лечиќ: Американците ни ја украдоа државата и ни ја уништија кошарката!

Основоположникот на македонската кошарка, Лазо Лечиќ, пред неколку дена наполни 80 години, што беше доволна причина неговото име да биде повторно споменато во медиумите, кои изминативе децении често знаат да се потсетат на ѓаволштините кои ги има правено, иако веќе две децении целосно е надвор од овој спорт.

Легендарниот тренер на Работнички, кој подоцна во кариерата работеше и во МЗТ Скопје, во интервју за српскиот „Курир“ се потсетува за најинтересните моменти од својата кариера, пред се за анегдотите по кои најмногу и го паметат вљубениците во кошарката. Но, покрај тоа, неговото име е запишано и во аналите на овој спорт на просторот на поранешна СФР Југославија, како трет најуспешен тренер зад Мирко Новосел и Ранко Жеравица и како творец на тимот од „Градски парк“, кој во тоа беше беше тврд орев дури и за најдобрите тимови во некогашната заедничка држава.

„Во периодот помеѓу 1965 и 1980 година, Југославија доминираше. Кај нас се играше најдобрата кошарка во светот и тоа поради фактот што беше предводена од вистински професионалци и иноватори. Да не нѐ растуреа Американците, а со тоа и да не ни ја растуреа кошарката и денес ќе беше исто вака“, вели Лечиќ.

Прва работа на која помислува кога се споменува кошарка е - љубов и желбата да го искористи своето знаење стекнато во Белград за развој на овој спорт и во Македонија.

„Најголемите кошаркарски знаења ги стекнав во Белград работејќи со легедарниот професор Александар Николиќ. Потоа се вратив во Скопје и почнав да работам со јуниори и продолжив до самиот крај. Изведов на пат неколку генерации на Работнички, па потоа почнав да шетам и да работам во Чачак, Љубљана, Нови Сад, Солун...“, објаснува популарниот „Грк“.

Во поранешна СФРЈ тој беше познат како специјалист за наоѓање и работа со плејмејкери.

„Луѓето од југот се ниски и тешко беше во тоа време да се најде висок човек во Македонија. Дали беа вкупно десетина, поради што морав да се концентрирам и играта да ја фокусирам на бековите, кои беа брзи како струја. Користејќи ги нивните карактеристики прво почнавме да играме зонски пресинг, нешто што го видов од хокеарите и што успеав да го прилагодам на законитостите на кошарката. А, дека успеав во тоа покажува и фактот што Работнички во тоа време беше екипа со најголем број украдени топки“, дополнува Лечиќ.

Еден од најголемите успеси во неговата кариера е златниот медал со Југославија од Светското првенство (СП) во 1970 година во Љубљана како помошник на тогашниот селектор Ранко Жеравица. За ова пред исвесно време беше снимен и филм кој беше исклучително популарен, во кој Лечиќ беше глумен од актерот Сашко Коцев.

„Филмот е убав, иако е претставен како приказна за односот на Партизан и на Црвена Звезда поради што се лутат Хрватите. Мене ме игра Коцев и не сум задоволен од начинот на кој ме претставува. Не ме контактира за време на снимањето, а можев многу да му помогнам бидејќи имав податоци кои можеа да му помогнат“, искрен е како и секогаш легендарниот стратег.

Внукот на легендарниот тренер, Андреј Апостолски Лечиќ веќе тргна по неговите патеки, студирајќи ја кошаркарската игра и физичката подготовка, а истовремено работејќи како тренер во подмладокот на Работнички.

Повеќе за ова и за голем број интересни анегдоти поврзани со легендата прочитајте на следниот линк.