Крстевски: Треба да се фокусираме на нашата игра, а не на тоа што ќе прави Естонија!

Крилниот центар на МЗТ Скопје, Бојан Крстевски, е еден од најискусните во подмладениот состав на македонската кошаркарска репрезентација, која утре, во салата „Борис Трајковски“, ќе ја пречека Естонија (20.15 часот) на стартот од квалификациите за ЕП 2021.

Тој смета дека не треба премногу да се фокусираме на противникот, туку на начинот на кој ние ќе го одиграме овој важен натпревар.

„Имавме доволно време заедно, иако тоа не е премногу. Задоволен сум од тоа што го одработивме. На нас е со максимална борбеност и почитување на договореното да имаме успешен старт на квалификациите за ЕП 2021. Изминатиов период фокусот беше на нашиот тим, а не на Естонија, бидејќи попусто ако се подготвиме за противникот ако не одиграме ние како што треба“, изјави Крстевски.

Жолто-црвените в недела ѝ гостуваат на Русија, а во нашата група е уште и Италија, која како еден од домаќините на ЕП веќе има обезбедено пласман. Останатите три селекции ќе се борат за преостанатите две места.