Крстевски: Данска и Норвешка не се атрактивни, но не треба да се потценат!

Македонските кошаркари веќе втор ден работат во Маврово, на стартот од подготовките за квалификациите за Евробаскет 2025. Процедурата веќе им е позната, за жал, бидејќи неколку години наназад стартуваме некаде од дното на европската кошарка, па затоа во пресрет на првите два меча знаат што да очекуваат.

Бојан Крстевски е оптимист дека Македонија ќе ги мине овие претквалификации, во група со Словачка, Данска и со Норвешка. Само првото место ќе напредува директно во главната фаза од квалификациите, иако и за останатите ќе има утешна шанса. 

„Се надевам дека ќе ги минеме овие претквалификации. Словачка ни е добро позната, во неколку наврати имаме играно и имаме позитивен скор, се надевам дека така и ќе продолжи. Данска и Норвешка можеби не звучат атрактивно, но не може да се потценат, затоа што денес сите играат кошарка. Одиме чекор по чекор и се надевам на позитивен исход. Секој играч ни е добредојден напомош за овие предизвици“, смета Крстевски.

Почнуваме на 25 август во Данска, а три дена подоцна ја пречекуваме Словачка и уште по тие два меча ќе може да се насети во која насока се движат квалификациите.

„Пред се, имаме некои дваесетина дена, од кои седум во Маврово, добро да се подготвиме и да влеземе во натпреварувачки ритам. Екипата сега е малку покомплетна во однос на претходно, имаме и нов селектор со кого добро се познаваме. Имаме еден контролен меч со Црна Гора, кој ќе биде најава за двата претквалификациски дуели“, додава центарот на МЗТ Скопје.