Косовците со двојно поевтини билети бркаат полна сала за дуелот со Македонија!

Челниците на косовската кошарка денеска ја објавија цената на билетите за утрешната средба против Македонија (20.30 часот) во Приштина, која е двојно помала во однос на ланскиот дуел помеѓу истите ривали.

Најголем дел од влезниците за овој прв меч од втората фаза од претквалификациите за ЕП 2021 се продаваат по цена од само две евра (120 денари), за разлика од пред една години кога драгоценото парче хартија чинеше четири евра (250 денари). Причина за ваквата разлика е драстичниот пад на интересот за кошарката во Косово во последниве неколку месеци, за што говорат и полупразните сали во последните дуели на оваа селекција во квалификациите за СП 2019 и тоа против селекции како Литванија и Полска.

Ланската пресметка со жолто-црвените беше прв официјален меч за косовската репрезентација, поради што билетите и покрај повисоката цена беа разграбани буквално за неколку часа. Овој пат ситуацијата е драстично поинаква, за што најдобро говори 50-отстотниот попуст, но и апелот на новиот селектор Дамир Мулаомеровиќ.

„Косовските репрезентативци заслужуваат голема поддршка од трибините и затоа ги повикувам сите вљубеници во кошарката да дојдат и да ни помогнат на утрешниот дуел. Македонија е цврст противник, кој не смее да биде потценет и затоа секој гледач може да ни биде од голема помош“, изјави Мулаомеровиќ.

Слично размислување има и најдобриот поединец на Косово, Дардан Бериша.

„Добро сме подготвени, ја знаеме сопствената сила и ако одиграме како што треба ќе ја совладаме Македонија. Ова е исклучително важен меч за нас поради што заслуживаме да го играме пред преполни трибини. Мотивирани сме, лани ги победивме овој противник и убеден сум дека и овој пат ќе биде истиот епилог“, изјави Бериша.

Средбата се игра во „Палатата за спорт и млади“ во косовската престолнина. Во истата група заедно со Косово и Македонија е и селекцијата на Романија, а пласман во квалификациите ќе обезбеди само првопласираниот тим на табелата.