Косовците еуфорични: Нема да дозволиме Македонија да ги мине претквалификациите за СП!

Полна сала, мотивиран противник и атмосфера излезена од пеколот е ветувањето на кошаркарите на Косово во пресрет на задутрешниот дуел на домашен терен против Естонија, од кој зависи и понатамошната судбина на репрезентацијата на Македонија во претквалификациите за СП 2019 во Кина.

Косовците се пресреќни поради вчерашниот пораз на жолто-црвените во Талин, кој ги врати во игра за второто место на табелата во групата Ц кое носи место во мундијалските квалификации. Естонија со три победи по ред е сигурно првопласирана додека нашата и косовската селекции имаат само по еден триумф, со тоа што северниот сосед има уште еден меч за одигрување и тоа на домашен терен. Косово со победа ја остварува целта, во спротивно ќе се радуваат македонските вљубеници во кошарката.

„Македонија нека не се надева попусто, нема шанси да ја пропуштиме можноста на домашен терен да ја совладаме Естонија и да дојдеме до историското второ место за нас кое води во квалификациите за СП. Да играме и на стадион сигурни сме дека ќе биде исполнет до последно место, толку голем е интересот за овој дуел во моментов. Естонците ги чека пекол, во кој не веруваме дека ќе се снајдат“, велат од таборот на репрезентација на Косово.

На Косово владее вистинска кошаркарска еуфорија поради историската шанса да влезат во кругот на најдобрите 32 европски селекции и тоа во вториот натпреварувачки циклус на оваа држава по нејзиниот прием во Светската кошаркарска федерација (ФИБА). Косовците против нас веќе испишаа еден историски сегмент остварувајќи ја првата репрезентативна победа, а сега имаат шанса да ги минат претквалификациите и да дојдат до можност да играат со селекции како Шпанија, Италија, Турција, Хрватска..., нешто за што до пред само една година можеа само да сонуваат.

На избраниците на селекторот Јорданчо Давитков, пак, е да ја проследат средбата на ТВ-екраните и да се надеваат дека спортскиот елемент ќе победи и дека кошаркарите на Естонија ќе одиграат максимално фер и коректно и дека ќе успеат да слават во Приштина. Тоа е единствениот пат Македонија да остане дел од кошаркарската елита. Во спротивно, нѐ чека двегодишно прогонство од друштвото на најдобрите репрезентации на Стариот континент.