Кошаркарките сонуваат победнички старт на квалификациите за ЕП 2027!

Во спортскиот центар „Кале“ денеска започнува новата страница на македонската женска кошарка – националната селекција ќе ја пречека Данска (17 часот) на стартот на квалификациите за Европското првенство во 2027 година.

Со полни батерии и голема доза самодоверба, избраничките на селекторот Ашаданов влегуваат во новиот квалификациски циклус, кој донесува и одредени новини. Овојпат, во рамките на еден „прозорец“ ќе се одиграат три натпревари, а покрај Данска, противници на Македонија ќе бидат уште Грција и Хрватска.

„Нè очекуваат исклучително тешки натпревари, особено на стартот против Данска која во претходните квалификации покажа квалитет и континуитет. Сепак, нашата цел е јасна – сакаме циклусот да го започнеме со победа пред нашата публика“, изјави селекторот Ашаданов.

Македонскиот состав го задржа основниот костур од минатиот циклус, дополнет со неколку перспективни млади кошаркарки, од кои се очекува свежина и енергија. Токму тој баланс меѓу искуство и младост, според стручниот штаб, може да биде клучот за позитивен резултат на премиерата во Скопје. Во нашата група се уште и велесилите Хрватска и Грција.