Кошаркарките со нов селектор ќе бркаат пласман на ЕП 2021!

Новото раководство на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ) предводено со Перо Антиќ ја продолжи праксата на својот претходник за мизерна комуникација со јавноста, која веста за новиот селектор на женската кошаркарска репрезентација на Македонија наместо од Куќата на кошарката ја дозна од матичниот клуб на новиот предводник.

Станува збор за Владимир Ѓоровиќ, кој во моментов е предводник на прволигашот Струга 2009 и кој доаѓа на местото на Марјан Лазовски, кому му истече договорот. Ова значи враќање на стручњак за женска кошарка на клупата на девојките, со оглед што Лазовски дојде на оваа позиција без воопшто претходно да има работено со дамите. Ѓоровиќ беше и дел од стручниот штаб на машкиот прволигаш АВ Охрид, од каде што ја доби првата честитка за новата функција.

Тајмингот е малку чуден со оглед што доаѓа само еден ден по ждрепката за квалификациите за ЕП 2021 во кои Македонија е огромен аутсајдер во конкуренција на Германија, Летонија и на Хрватска.