Кошаркарите утре се враќаат од Талин, ама без четворицата позитивни на Ковид-19!

Непријатната епизода во Талин за кошаркарските репрезентативци на Македонија ќе заврши утре, кога најголем дел од експедицијата ќе тргне назад кон Скопје, но без четворицата играчи кои беа позитивни на Ковид-19, поради што жолто-црвените и не ги одиграа предвидените мечеви против Италија и Естонија.

Станува збор за Љубомир Младеновски, Џејкоб Вајли, Бојан Трајковски и Леонид Тодоровски, кои ќе останат во естонската престолнина се до добивање негативен тест, а најмногу уште десетина дена. Добрата вест е што наместо да бидат сместени во некоја од естонските болници, како што барал организаторот на „балонот“ од квалификациите за ЕП 2022, тие ќе останат во хотелот „Хилтон Парк Талин“. За нивното здравје додека не добијат зелено светло за враќање ќе се грижи физиотерапевтот Ненад Попоски.

„Според протоколот на ФИБА за спроведување на случаите поврзани со присуство на Ковид 19 во некој национален тим, а кои се на сила во овој момент, членовите на нашата репрезентација кај кои беше утврден позитивен тест на Ковид-19, нема да можат да ја напуштат Естонија, се до добивање на прв негативен ПЦР тест потврден од страна на овластена медицинска лабораторија на оваа балтичка земја направен седум дена по претходното тестирање, во овој случај, на 28. ноември. Доколку тестовите уште еднаш бидат позитивни, во рок од три дена, нашата „четворка“ ќе мора да биде тестирана уште еднаш. И најдоцна во рок од десет дена ќе ја напушти Естонија“, велат од КФМ.

Кошаркарите требаше да ги одиграат вторите два квалификациски меча, по поразите од Естонија дома и Русија на гости во февруарскиот прозорец на ФИБА, но тоа не им беше дозволено поради големиот број позитивни кошаркари. Мечевите со Италија и Естонија ќе ги одиграме следниот февруари, во прозорецот во кој ќе мора да ги одмериме силите и со Русија и уште еднаш со Италија.

Пласман на ЕП 2022 ќе обезбедат двете најдобрите селекции во кокуренција на нашата, руската и естонската селекција, со оглед што Италијанците се веќе пласирани како еден од организаторите на континенталниот собир.