Репрезентацијата на Македонија загуби на денешното гостување против Естонија (65-74) со што ги сведе на минимални шансите за успешни минување на претквалификациите за СП 2019 во Кина, за што сега ни е потребна услуга од вечерашниот противник односно негова победа в сабота на гостинската пресметка со Косово во Приштина.

Лошата игра во последната четвртина го анулира сѐ што беше добро во настапот на жолто-црвените во Талин во меч во кој во голем дел беа во водство, а и кога губеа тоа беше со минимална и лесно достижлива преност. Но, нападот и шутот ни откажаа во моментите кога највише ни требаа, противникот умешно ги користеше сите наши грешки и на крајот дојде до третиот триумф во третиот меч во претквалификацискиот циклус во групата Ц.

Избраниците на селекторот Јорданчо Давитков долго ќе жалат за пропуштената шанса да ја совладат Естонија и самите да бидат креатори на сопствената судбина. Шутот од далечина нѐ служеше, погодувавме тројки најдобро во досегашните претквалификации, а и добро скокавме во првото полувреме. Но, во продолжението ни падна концентрацијата, противникот почна да остварува многу офанзивни скокови, а ние едноставно немавме решение во нападот. Се изморија дотогаш одличните Војдан Стојановски и Џордан Теодор, а опциите во нападот со ветераните Ѓорѓи Чековски и Диме Тасовски не вродија со посакуваниот резултат.

Фактот што постигнавме само десет поени во последната четвртина е доволен доказ за нашата стерилна офанзива, а примените 20 поени показател дека снемавме воздух во клучните моменти кога се решаваше победникот.

Теодор со 19 и Стојановски со 18 поени беа убедливо најефикасни во нашиот тим додека Чековски дополни десет, а Тасовски седум поени. Александар Костовски реализира две тројки во првото полувреме за вкупно шест поени, а во листата на стрелците се запишаа уште Кире Николовски и Стојан Ѓуроски со по два поени.

И сега, наместо среќни и весели да го напуштиме Талин, мораме убаво да го замолиме домаќинот да одигра спортски и фер и да проба да победи в сабота во Приштина иако таа средба за нив има ревијален карактер со оглед на обезбеденото прво место на табелата во групата Ц.