Кошаркарите решени: Против Швајцарција да се потврди „брејкот“ во Словачка!

Кошаркарската репрезентација на Македонија како голем фаворит влегува во вечерашниот дуел против Швајцарија (20.45 часот) во салата „Јане Сандански“ во Скопје, со цел да го потврди „брејкот“ направен пред неколку дена во Словачка со што би се направил огромен исчекор кон првото место во групата во првата фаза од претквалификациите за ЕП 2021.

Новата селекција на Јорданчо Давитков покажа квалитет, борбеност и пред сѐ зрелост на мечот во Попрад, нешто што треба да биде клучен фактор во пресметката со селекцијата од Алпите, која на хартија е апсолутен аутсајдер. Но, претпазливост и тоа како е потребна, особено по срамниот настап на жолто-црвените минатото лето кога завршивме последни во дуелите со Косово и со Естонија во претквалификациите за СП 2019.

Со тоа се согласува и предводникот од клупата, кој на оваа сметка покрај Александар Костовски нема да може да смета и на Кирил Николовски, кој се повреди на синоќешниот тренинг.

„И вечерва го посакувам истиот пристап и истата игра во одбрана како против Словачка. Швајцарија е малку непозната за нас, бидејќи во последните три години нема играно. Се работи за млада екипа, која има неколку играчи од бившите југословенски простори кои сигурно знаат како треба да играат и дојдени се тука за да играат без некој посебен притисок. Мора да одиграме максимално, без никакво потценување на противникот“, изјави Давитков.

Пласман во следниот претквалификациски круг директно обезбедува само првпласираната селекција од секоја од трите групи како и најдобрата репрезентација која ќе се најде на втората позиција. Со скор 2-0 по ноемврискиот циклус и со победа на теренот на директниот ривал, Македонија би била речиси сигурна на лидерското место, што потоа ќе треба да се потврди во февруари против Словачка дома односно во јуни против Швајцарија на гости.