Неочекувано: Кошаркарите „испратени“ на принуден одмор во траење од – една година!

Македонската национална селекција нема да одигра ниту еден натпревар до крајот на годинава, откако Бордот на директори на Светската кошаркарска федерација (ФИБА) денеска реши да укине еден репрезентативен „прозорец“ што значи дека квалификациите за ЕП 2021 нема да почнат во ноември туку дури во февруари следната година.

Ова значи дека жолто-црвените нема да одиграат официјален натпревар точно една година, со оглед што последниот кој го одигравме беше во годинешниот февруарски циклус. Во вториот месец од следната година ќе ги одиграме првите две средби, а преостанатите ќе бидат на програмата во ноември 2020 односно февруари 2021 година.

Во квалификацискиот дел за пласман на следниот континентален собир ќе настапат 32 репрезентации поделени во осум групи, од кои најдобрите три од секоја од нив ќе се пласираат на ЕП. Домаќините ќе бидат познати дури по завршувањето на прелиминарниот дел, а ќе бидат избрани од селекциите кои ќе обезбедат пласман, со оглед што според новите правила ниту еден национален тим нема директно место на собирот на најдобрите репрезентации на Стариот континент.

Македонија по голготата која ја мина играјќи изминативе години во најнизок ранг, конечно, се врати онаму каде што припаѓа, откако беше најдобра во двете претквалификациски фази прво играјќи со Швајцарија и Словачка, а потоа и со Косово и Романија. Засега се познати имињата на 28 состави кои ќе бидат дел од квалификациската фаза, а последните четири ќе се дознаат во август кога ќе се одигра третата претквалификациска фаза. Дури по нејзиното завршување ќе биде извршена ждрепката, а жолто-црвените ќе ги дознаат противниците на патото кон уште еден настап на ЕП.

Нашиот најдобар тим досега пет пати беше дел од најдобриот континентален собир и тоа во 1999, 2009, 2011, 2013 и 2015 година. Најдобат пласман, секако, ни е историското четврто место пред осум години во Литванија кога лидери беа сегашните предводници на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ), Перо Антиќ и Тодор Гечевски.