Кошаркарите ги почнуваат математички најлесните евро-квалификации во историјата!

Македонската кошаркарска репрезентација вечерва, во салата „Борис Трајковски“ против Естонија (20.15 часот) отвора нова страница од историјата на чие дно посакува да биде запишан настап на Европското првенство (ЕП) 2021, до кој имаме шанси да стигнеме преку математички најлесните квалификациите за пласман на еден континентален собир.

Жолто-црвените се меѓу 32. селекции поделени во осум групи од кои дури 24 ќе играат на следниот шампионат на најдобрите на Стариот континент. Тоа математички изнесува дека секоја од репрезентациите има точно 75-отстотни шанси да се најде во европскиот крем. Но, фактот што четири од нив однапред имаат обезбедено виза како домаќинит на следното ЕП, како и „несреќата“ една од нив, Италија, да биде дел од нашата група, ги намалува шансите на Македонија на 67-отсто. Но и тоа е далеку поголема бројка, математички гледано, од сите претходни квалификации во кои на пример требаше да бидеме втори или трети во група шест селекции или, пак, втори во конкуренција на уште тројца противници.

Математиката, сепак, нема да игра улога ако избраниците на новиот селектор, Александар Тодоров, не покажат огромна желба и волја за успех, односно за оправдување на слоганот кој деновиве челниците на макбаскет упорно се обидуваат да ѝ го наметнат на јавноста, а тоа е дека треба да се „испише нова историја“. Македонската селекција последен пат настапи на ЕП 2015 година во Хрватска, што, сепак, не е толку долг период за на него да се гледа како на „стара историја“, ниту, пак, треба да се заборави трудот на Јорданчо Давитков и неговите пулени во изминатите три години во кои минаа неколку претквалификациски циклуси за воопшто да се најдеме во можност да играме за пласман на шестиот континентален собир.

Македонија знае како се победува Естонија и тоа лесно и убедливо, а вечерва еден таков триумф и тоа како добро би ни дошол со што процентите за пласман дополнително би се зголемиле. Во нашата група е и Русија, која ја има улогата на фаворит, што значи дека токму Естонците ќе бидат нашиот најголем ривал за враќање на европската сцена.

Или, за испишување на нова историја, што би рекле Перо Антиќ и неговите соработници.