Кошаркарите добија мотив плус: Антиќ го исполни ветувањето кое им го даде неговиот лут ривал!

Кошаркарските репрезентативци на Македонија добија дополнителен мотив на нешто повеќе од 24 часа пред дуелот против Естонија (утре, 20.15 часот), прв во квалификациите за пласман на ЕП 2021, откако челниците на КФМ им ги исплатија премиите кои им беа ветени за влегување меѓу 32. најдобри селекции во Европа.

Кошаркарите и стручниот штаб кои успешно ги минаа неколкуте претквалификациски филтри добија вкупно 750.000 денари, сума која им беше ветена за освојување на првото место во групата. Од Куќата на кошарката, на чие чело сега е Перо Антиќ, воедно со „пофалија“ дека овие пари биле исплатени и покрај фактот што биле ветени од претходното раководство предводено од неговиот лут ривал, Петар Наумоски.

„Во оваа прилика, КФМ сака да ја информира јавноста дека средствата утврдени за премии, ветени од страна на претходното раководство на федерацијата, се реализирани од страна на новиот раководен тим на КФСМ. Финансиските надоместоци веќе се префрлени на сметките на кошаркарите кои на Македонија ѝ донесоа учество во квалификацискиот циклус на едно големо натпреварување, преку кое очекуваме враќање на македонската репрезентативна кошарка онаму каде што и е местото, на горните позиции. Во исто време се надеваме дека ова ќе биде само еден дополнителен стимуланс на членовите на нашиот национален тим, пред почетокот на квалификациите за ЕП 2021“, се вели на соопштението од националната федерација.

Антиќ и соработниците засега немаат објавено колкава би била премијата за Александар Тодоров, неговите соработници и неговите избраници во случај успешно да го минат квалификацискиот циклус и обезбедат шести настап на Македонија на еден континентален собир.