Кошаркарите бараат поддршка: Влезот за мечот со Швајцарија ќе биде – бесплатен!

Македонската кошаркарска репрезентација со синоќешната победа на гости против Словачка направи голем исчекор кон успешно минување на првата фаза од претквалификациите за ЕП 2021, што би можело дополнително да биде забетонирано со евентуален триумф за задутрешниот дуел против Швајцарија на домашен терен.

Со цел жолто-црвените да имаат (по)голема поддршка од трибините во салата „Јане Сандански“, која и тоа како ќе им биде потребна, раководството на МКФ реши влезот за овој дуел да биде – бесплатен. Кошаркарите истовремено се надеваат дека јавноста ќе ја препознае новата енергија во националниот тим и дека ќе го добијат потребниот „ветер во грбот“ во пресметката против аутсајдерот во нашата група.

Директен пласман во следната фаза обезбедува само првопласираниот како и најдобрата втора екипа од трите групи. Средбата почнува во 20.45 часот со директен пренос на МТВ.