Копи-пејст: Кошаркарите ги добија истите ривали од пред четири години!

Македонската репрезентација против добро познати противници ќе ја почне кошаркарската ренесанса чија цел има обезбедување пласман на Светското првенство (СП) 2023, откако на денешната ждрепка ги доби Швајцарија и Словачка во претквалификациите за следниот Мундобаскет.

Ова е идентична група од првата фаза од претквалификациите за ЕП 2022, кои ги завршивме како првопласирани со три победи и еден пораз. Швајцарците и овој пат ќе ни бидат најголем ривал за првото место, пред сѐ поради поразот што ни го нанесоа во јуни 2018 година, но и поради шокантната победа над големата Србија (92-90) во квалификациите за следниот континентален собир.

Доброто е што пласман во квалификациите за СП 2023 обезбедуваат двете најдобри селекции, поради што е дозволен и мал кикс за четата предводена од новиот селектор Драган Бајиќ. Реално е да се очекува дека последни би биле Словаците, кои двапати ги победивме во претходниот циклус и тоа со 87-74 на домашен терен, односно 74-66 на теренот на противникот.

ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2023

ГРУПА Д: Шведска, Португалија, Австрија

ГРУПА Е: Романија, Летонија, Белорусија

ГРУПА И: Црна Гора, Данска, Исланд

ГРУПА Ф: Македонија, Швајцарија, Словачка