Кој ќе преживее ќе раскажува: Кошаркарите ги чека пеколен февруари во Русија!

Македонската кошаркарска репрезентација се соочува со пеколен февруарски прозорец, последен од квалификациите за ЕП 2022, откако денеска беше објавен распоредот на средбите за турнирот во руски Перм каде што избраниците на селекторот Александар Тодоров ќе треба да одиграат четири средби во само – пет дена.

Причина за ваквиот нечовечки напор пред кој се наоѓаат жолто-црвените се двете одложени средби кои требаше да ги одиграат кон крајот на минатиот месец во Талин, а кои мораа да бидат одложени поради дури четворица кошаркари позитивни на Ковид-19 во нашиот табор. Македонија не ги одигра пресметките со Италија и со Естонија, а во естонската престолнина „заглавија“ заразените, кои дури денеска, по десетдневен карантин во хотелска соба, добија дозвола да се вратат дома.

Ова значи дека по една средба ќе ни биде додадена пред почетокот и по претходно планираниот крај на „балонот“ во Перм, со цел да се комплетира квалификацискиот циклус и да се одредат патниците за следниот континентален собир. Нашите кошаркари прво ќе ги одмерат силите со Италија на 18 февруари, следниот ден ќе се сретнат со домаќинот Русија, па ќе го имаат единствениот слободен ден на турнирот. Вториот меч против Италијанците ќе го одиграме на 21 јануари, а следниот ден, кога ќе бидеме и најизморени, ќе мора да настапиме на, за нас, најважниот дуел, против Естонија, која ни е директниот конкурент за последното место кое води на ЕП.

Колку и да делува страшно, ова не е првпат македонските кошаркари да играат во ваков пеколен ритам, со оглед што според овој принцип и во идентични термини се играа(т) натпреварите од групната фаза на последните три Евробаскети, на кои настапуваат 24 селекции. Македонија вака играше на ЕП 2013 во Јесенице и ЕП 2015 во Загреб, што значи дека со добри подготовки ќе може да се издржи, а и да се дојде до посакуваната цел.

Најважно во ситуацијава е до февруари сите репрезентативци да бидат здрави и селекторот Тодоров на располагање да го има најквалитетниот состав, што секако ќе ни ги зголеми шансите за пласман на ЕП. Ова најмногу се однесува на најперспективниот во моментов, Ненад Димитријевиќ, кој некако нема „среќа“ со настапите за Македонија, па е или повреден или се рехабилитира, за што добива оправдание од лекарите, но и од спортскиот директор, Тодор Гечевски.

Жолто-црвените во моментов имаат скор 0-2 во групата Б, во која европски билет ќе обезбедат најдобрите две селекции во конкуренција на нашата, естонската и на руската репрезентација, со оглед што Италија е веќе пласирана како еден од домаќините.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ НА ТУРНИРОТ ВО ПЕРМ

18 ФЕВРУАРИ:

Италија – МАКЕДОНИЈА

19 ФЕВРУАРИ:

Италија – Естонија

МАКЕДОНИЈА – Русија

21 ФЕВРУАРИ:

МАКЕДОНИЈА – Италија

Русија - Естонија

22 ФЕВРУАРИ:

Естонија - МАКЕДОНИЈА