Има ли јунаци? За само 500 денари ќе може да навивате за Македонија среде Приштина!

Македонската кошаркарска репрезентација утре ќе го почне настапот во втората рунда претквалификации за ЕП 2021 и тоа против селекцијата на Косово (20.30 часот) на жешкиот терен во Приштина, каде што секој вљубеник на спортот кај нас може да им помогне на жолто-црвените без притоа да биде изложен на некој поголем финансиски трошок.

Средбата е закажана за „Палатата за млади и спорт“ во косовската престолнина, која има капацитет од 3.000 седишта од кои одреден процент, според правилата на ФИБА, мора да биде понуден на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) за навивачите на жолто-црвената селекција. Билетите веќе се пуштени во официјална продажба и тоа по цена од две евра (120 денари) за обичните и 10 евра (600) за тие во ложата. Ако на ова се додадат и патните трошоци, кои за еден автомобил на релација Скопје-Приштина-Скопје би изнесувале најмногу околу 1.000 денари, тоа значи дека, под претпоставка во него да патуваат четворица навивачи на Македонија, нивниот поединечен трошок не би ја преминал сумата од 500 денари.

Ова е цена која голем број македонски спортски вљубеници би ја платиле без воопшто да трепнат, но дали и колкава помош од трибините ќе имаат избраниците на селекторот Јорданчо Давитков пред сѐ ќе зависи од гаранциите за безбедност на нашите навивачи во Приштина. Ова е и тоа како важно со оглед на големиот број инциденти на спортските пресметки помеѓу наши и косовски селекции на теренот на противникот, каде неретко се палат македонски знамиња и се истакнуваат пароли со навредлива содржина.

Жолто-црвените гостуваа во Приштина пред нешто повеќе од една година, кога силно беше исвиркана нашата химна, инцидент кој, сепак, остана во сенка на изненадувачката победа на Косово, за кого тоа беше прв официјален натпревар на меѓународната сцена.