Перо Антиќ би можел да потпише за тим од Македонија!?

Тројниот европски клупски шампион и четвртопласиран на Стариот континент со македонската селекција, Перо Антиќ, во опширно интервју за српските медиуми најави дека семејството ќе ја игра клучната улога околу тоа дали летово ќе се пензионира или, пак, ќе продолжи да игра барем уште една сезона.

Изненадувачки, единствениот наш кошаркар кој заиграл во НБА не ја исклучува можноста дури и да заигра за клуб од Македонија.

„Моето семејство, да не кажам децата (Перо има три сина-н.з.) ќе игра клучна улога околу тоа дали ќе ја продолжам кариерата. Најстариот има 11 години и зад себе нема детство како останатите врсници. Од САД се вратив поради желбата да бидам блиску до најблиските иако имав понуда да останам во Атланта. Се вратив во Турција во дресот на Фенербахче бидејќи бев на оддалеченост од само еден авионски лет до Скопје. Ако решам да продолжам и следната десетинација треба да биде ептен блиску до мојот дом или, пак, да биде во Македонија. Кој знае...“, објаснува Антиќ.

Крилниот центар во моментов е слободен играч, откако ја доврши сезоната во дресот на Црвена звезда каде што настапуваше како позајмен кошаркар на Фенер.

„Претходно многу подецидно зборував дека сакам да ја завршам кариерата, но сега чувствувам дека можам уште и дека сакам да се забавувам на паркетот. Имам добар менаџерски тим зад себе, Мишко Ражњатовиќ ќе треба да ми ги донесе сите понуди на маса, па дури тогаш ќе решам дали се достојни да бидам подолго време оддалечен од семејството“, искрен е македонскиот интернационалец.

Ветеранот се навраќа и на падот на македонската репрезентативна кошарка, која забележа драстичен пад по огромниот успех на ЕП 2011 во Литванија.

„Типично македонски, прво голем успех, а потоа вртоглав пад. Немавме пари, услови, а дојде и нова гарнитура луѓе кои ја нарушија хиерархијата и лојалноста. Имав и самиот понуди да влезам во раководството на федерацијата, но не можам да седам на две столици. Кај нас функциите е само седење во фотелји и гордеење со тоа. Ако воопшто се решам за такво нешто, тогаш тоа треба да биде некој почеток од нула, вистинска шанса да се направи нешто добро“, вели европскиот шампион со Олимпијакос (двапати) и Фенербахче.

Во продолжение на интервјуто, Антиќ говори за односите и ситуацијата во таборот на Ц. Звезда сезонава, со која конечно дојде до трофеј во првенството на Србија, но и за своите почетоци и односот со тренерот Драган Шакота, кој прв го откри и го однесе во грчки АЕК. Перо раскажува за случки од НБА-лигата, а прави анализа и на младите европски кошаркари кои допрва ќе треба да го освојуваат американскиот континент.

Целото интервју може да го прочитате на следниот линк.