КФМ ангажира нов Американец кој бил „уапсен“ во Бугарија, па „нелегално“ внесен во Македонија!

Кошаркарот на шпанска Гран Канарија, Џејкоб Вајли (26 год, 203 см), ќе биде еден од конкурентите за местото наменето за натурализиран играч во репрезентацијата на Македонија на претстојниот квалификациски турнир во Естонија, откако е во процедура неговото добивање македонско државјанство, нешто што во Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) се надеваат дека ќе биде завршено на време за да биде регистриран во ФИБА.

Станува збор за крилен центар кој би ја пополнил празнината под кошот по заминувањето на Ричард Хендрикс и Шејн Витингтон, кои сега играат во Јапонија и кои се повлекоа од настапите во жолто-црвениот дрес. Вајли има искуство и од НБА-лигата, каде што во 2017 година одигра пет средби во дресот на Бруклин нетс, а играше и за Далас маверикс во летната лига следното лето. Минатата сезона настапуваше за Панатинаикос, а има искуство од играње во Германија и од далечната Австралија.

Процедурата за добивање македонски пасош ја почнал минатиот месец, среде пандемијата со коронавирусот, поради што, како што вели самиот, имал огромни проблеми за да стигне до Скопје.

„Од Шпанија слетав во Бугарија, каде што буквално нѐ уапсија на граница, зачудени што бараме во оваа земја во време кога има забрана за доаѓање на Американци. Заедно со мојот придружник неколку часа бевме држени во мала просторија на аеродромот, а бевме пуштени дури по интервенција на македонските власти, кои објаснија зошто треба да патуваме кон оваа држава. Потоа следуваше пет часовно возење со автомобил до граница, каде што ни беше кажано дека нема да може да поминеме бидејќи ги немаме потребните документи. Искрено, и сега не знам како влеговме во Македонија, но тоа дефинитивно не беше на легален начин“, е сведоштвото на Вајли кажано за американските медиуми.

Новиот „македонски Американец“ одигра 20 меча во дресот на Панатинаикос со просек од 9,4 поени и 3,7 скока, додека сезонава за Гран Канарија просечно реализира 9,8 поени и 2,3 скока.

Македонија на претстојниот „балон“ во Талин ќе ги одмери силите прво против Италија (27 ноември), а потоа и против домаќинот Естонија (30 ноември). Нашата селекција по две одиграни кола е последнопласирана со исто толку порази, поради што токму дуелот против Естонците, од кои загубивме дома, ќе биде клучен за евентуален пласман на Европското првенство (ЕП) 2021 година. Во нашата група е уште и Русија, а на континенталниот собир ќе се најдат двете најдобри селекции на табелата во конкуренција на руската, естонската и македонската селекција, со оглед што Италија веќе има обезбедено билет како еден од четирите организатори на ЕП.

Претходно, процедура за добивање македонско државјанство беше почната и за Аскија Букер, сонародникот на Вајли, кој игра на позицијата плејмејкер и кој летово беше во Скопје за да ги заврши потребните формалности околу пасошот. Ако КФМ успее да ги регистрира двајцата на време за „балонот“ во Талин, според зборовите на селекторот Александар Тодоров, тие би биле викнати на подготовките и би патувале во Естонија, каде што во последен момент би се решавало кој од нив би бил во состав за дадениот натпревар.