Кадетите против наследниците на Гасол, Порзингис и Каспи ќе бијат битка на елитното ЕП!

Македонските национални селекција за кошаркар(к)и на возраст помеѓу 16 и 20 години денеска ги добија своите противници на Европското првенства (ЕП) на кои ќе настапат следното лето, меѓу кои дефинитивно најважна беше ждрепката за кадетите кои во Италија единствени ќе играат во дивизијата А.

Репрезентацијата за играчи до 16 години ќе игра во градот Удине (9-17 август) во група со селекциите на Шпанија, Летонија и на Израел. Противниците се исклучиво силни, а добрата вест е што сите четири селекции ќе се пласираат во следната фаза односно осминафиналето каде што ќе биде направен првиот голем филтер. Победниците од оваа рунда ќе продолжат да играат за пласман од 1-8 место додека поразените за пласман помеѓу 9. и 16. позиција. Примарна задача на избраниците на селекторот Денис Дервишевиќ ќе биде да ги избегнат последните три места кои водат назад во дивизијата Б.

Младинците (до 20 години), кои ќе играат во Б дивизијата на шампионатот во португалскиот град Матосињос (од 12 до 21 јули), се сместени во група со Португалија, Луксембург, Белгија и Словачка. Јуниорите (до 18 години), пак, ќе настапуваат во Орадеа (Романија) од 26 јули до 4 август, а во групата ќе играат против Ирска, Грузија, Данска, Украина и Словачка.

Своите противници ги добија и девојките. Јуниорките (до 18 години), кои ќе играат на домашен терен во Скопје од 5 до 14 јули, за противнички ќе ги имаат: Ирска, Романија, Грција, Словачка и Австрија. Кадетките, пак, ги очекува настап на шампионатот во Софија (15-24 август) и тоа против Бугарија, Луксембург, Холандија и Украина во рамките на Д групата.