Македонската кадетска репрезентација го претрпе и вториот по ред убедлив пораз на Европското првенство (ЕП) во Скопје, откако по вчерашната катастрофа против Грција (48-78) денеска со нешто помала негатива загуби од силната Шпанија (59-86).

Ова значи дефинитивно освојување на третата позиција во групата пред задутрешниот старт на нокаут-фазата во која влегуваат сите 16 учесници. Прв противник во борбата за пласман ќе ни биде Турција, која е второпласирана во групата Ц со две победи и еден пораз. Шпанците вечерашната победа ја осигураа уште во првата четвртина, која ја добија со 27-11, по што само рутински го приведоа мечот до крај.

Никола Јаничиќ со 12 поени беше најпрецизен кај „жолто-црвените“, Стефан Стојковиќ додаде 11 поени, додека Марко Лукановски имаше осум поени и 10 скока.

Утре е ден одмор, по што почнуваат пресметките за титулата, но и за избегнување на последните три места кои водат во Дивизијата Б.