Изненадување: Работнички ќе го нагости МЗТ во - „пензионираниот“ Градски парк!

Кошаркарската сезона во Македонија речиси по едномесечно пролонгирање поради пандемијата со коронавирусот, дефинитивно, ќе почне викендов и тоа со најголемото дерби помеѓу Работнички и МЗТ Скопје, кое, изненадувачки, ќе се одигра в недела (18 часот) во – Градски парк.

Причина што оваа вест е делумно шокантна е фактот што овој спортски објект веќе неколку пати беше пензиониран, па враќан во „живот“ поради немањето адекватни услови за играње натпревари од највисок ранг. Последните две сезони во овој храм смееше да се играат само средби од Првата лига, но не и од Суперлигата, за во пресрет на ова првенство да има најави дури и од таборот на Работнички дека домашните средби ќе ги играат во СРЦ „Кале“, додека тие од АБА2 во „Борис Трајковски“.

Во пресрет на шампионатот, комисија на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) ги провери сите сали, но нејзиниот извештај во моментов не е достапен за јавноста. Официјалното делегирање сѐ уште не е објавено на интернет-страницата на КФМ, но веќе се подготвуваат организациските работи за ова дерби да се одигра во „Градски парк“.

Натпреварот, според препораките Владата, ќе се игра без публика.