Ужасна бламажа: Младинците замрзнати на минус 40 на стартот на ЕП во Софија!

Младинската кошаркарска репрезентација на Македонија ептен се избрука на отворањето на Европското првенство (ЕП), дивизија Б, во Софија, откако беше прегазена од Летонија со 38 поени разлика (39-79).

Нападот вечерва беше еден од најлошите на еден репрезентативен меч во било која возрасна категорија, со оглед што избраниците на тренерот Никола Василев шутираа со мизерна 24-отстотна прецизност. Тоа значи дека буквално сме им ги скршиле обрачите на домаќините, едвај погодувајќи го секој четврти шут кон противничкиот кош. Ако на ова се додаде ретко видената инфериорност во играта под кошевите и фактото што имавме дури 29 скока помалку (29-58), тогаш воопшто не зачудува ваква катастрофа и тоа во меч во кој противникот дури и не ја мина границата од 80 поени.

Виктор Ефремовски со 12 поени беше најпрецизен кај Македонија, а двоцифрен ефект имаше уште и Павле Михајлоски со 10 поени. Следниот меч нашите младинци ќе го одиграа задутре (недела) против селекцијата на Белгија (17.15 часот).