Кошаркарската репрезентација на Македонија нешто потешко од очекувањата дојде до втората победа во првата фаза од претквалификациите за ЕП 2021, откако вечерва, во салата „Јане Сандански“ пред повеќе од 2.000 гледачи, ја совладаа селекцијата на Швајцарија со 83-68.

Македонските кошаркари вечерашната победа ја осигураа дури во третиот период, во кој конечно заиграа цврсто во одбрана и прецизно во нападот. Тоа резултира со двоцифрена позитива во овој дел од играта (28-15), која беше доволна да се скрши отпорот на скромните со знаење, но храбри и борбени гости од под Алпите. На крајот дојде до израз разликата во класа помеѓу двата тима, што, пак резултира дури и со убедлив триумф на нашата национална селекција.

Но, не беше сѐ така сјајно, особено во првото полувреме, во кое Швајцарија изненади со својата добра игра, а жолто-црвените со партија која беше само бледа сенка да прикажаното пред неколку дена во Попрад. Гостите изненадувачки поведоа со 11-6, по што следуваше серија 15-1 на избраниците на Давитков за ветувачки плус девет (21-12). Кога сите во салата очекуваа да продолжиме во ист ритам, почнавме да правиме почетнички грешки што анонимниот противник го искористи да врати со 16-2 и повторно да ја врати контролата и водството.

Македонците , сепак, не дозволија на одмор да заминат со негатива, иако и предноста од само два поени (38-36) беше резултат кој повеќе ги радуваше швајцарските отколку нашите кошаркари. Потоа, следуваше далеку подобра игра на жолто-црвените и очекувано висока победа над ривалот кој во моментов е далеку послаб од нашата селекција.

Ричард Хендрикс повторно беше најпрецизен со 14 поени и осум скока, Стојан Ѓуроски и Бобан Стајиќ постигнаа по 11, а Дамјан Стојановски 10 поени.

Пред три дена, жолто-црвените направија „брејк“ на теренот на најголемиот ривал за првото место, селекцијата на Словачка. Со овие два триумфа, избраниците на тренерот Јорданчо Давитков завршија огромен дел од работата за минување на овој најнизок степен во европската кошарка, нешто што треба да се потврди во февруари и во јуни следната година.

Тогаш, прво нѐ очекува дуел со Словаците дома и на крајот гостување кај Швајцарците.