Хендрикс се врати на списокот на Давитков, нова шанса добива и Димитријевиќ!

Селекторот на македонската репрезентација, Јорданчо Давитков, денеска објави список од 19 кошаркари на кои ќе смета во претстојниот септемвриски циклус во кој против Косово (13 септември) на гости и Романија (16 септември) дома ќе ја почнеме втората фаза од претквалификациите за ЕП 2021.

Изненадување нема, освен враќањето на Марко Симоновски и тоа по едногодишно отсуство од националниот тим. Предводникот на жолто-црвените и понатаму смета на Ричард Хендрикс и покрај фактот што тој поради лични причини го откажа настапот во јуниорскиот репрезентативен прозорец. Тој е прва опција за Давитков за местото на странец во составот, а ако тој и овој пат реши да не игра за Македонија тогаш неговото место ќе биде пополнето со сонародникот Шејн Витингтон, кој пред два месеци дебитираше за нашата репрезентација на мечот со Швајцарија.

Нова шанса добива и младиот Ненад Димитријевиќ, кој исто така, од различни субјективни причини, не беше дел од македонската селекција во последните неколку циклуси, а беше и пред суспензија поради отказот да игра за младинската селекција летово. Очигледно дициплинската постапка завршила позитивно за него односно тој не добил шанса, па останува да се види дали овој пат ќе биде здрав и ќе има желба да му се стави на располагање на селекторот Давитков.

Подготовките за мечевите со Косово и Романија почнуваат на 31 август, а тренинзите ќе се одработуваат во салата „Јане Сандански“.

СПИСОК НА ПОВИКАНИ КОШАРКАРИ: Војдан Стојановски, Дамјан Стојановски, Александар Костоски, Дарко Соколов, Адем Мекиќ, Бобан Стајиќ, Андреј Магдевски, Ненад Димитријевиќ, Димитар Караџовски, Стојан Ѓуроски, Предраг Пајиќ, Бојан Трајковски, Марко Симоновски, Кирил Николовски, Љубомир Младеновски, Бојан Крстевски, Андреј Маслинко, Ричард Хендрикс, Шејн Витингтон.