Хендрикс експресно дојде: Ќе дадам сѐ од себе за да ѝ помогнам на Македонија!

Ако на вчерашниот тренинг селекторот Јорданчо Давитков дојде директно од авион, утринава тоа беше случај со изненадното странско засилување за кошаркарската репрезентација на Македонија, Ричард Хендрикс, кој беше итно повикан по отказите на Бојан Трајковски и Ѓорѓи Чековски поради повреди.

ИГОР КРСТЕВСКИ

Американецот, кој настапува за турски Галатасарај, пристигна од Истанбул и директно дојде во сала колку да се види со селекторот Јорданчо Давитков и со новите соиграчи во националниот тим, а со тренинзи ќе почне вечерва.

„Среќен сум што пак сум дел од репрезентацијата. Познавам поголем дел од момците со кои ќе соработувам неделава. Подготвен сум да дадам сѐ од себе за да ѝ помогнам на Македонија во претстојните претквалификациски средби“, ни изјави Хендрикс.

Станува збор за крилен центар кој од 2014 години има македонски пасош и кој веќе има 11 средби одиграно во жолто-црвениот дрес во квалификациите за ЕП 2015, а потоа и за континенталниот собир во Загреб. Веднаш потоа беше жестоко критикуван за своето (не)залагање на Евробаскетот и тоа од челниците на Македонската кошаркарска федерација (МКФ).

„Не сакам да гледам назад, туку само напред. Немаме многу време за работа, но сигурен сум дека добро ќе се подготвиме. Не го познавам противниците, но знам дека за првата селекција против која ќе играме настапува мој поранешен соиграч, Кајл Курич, кој е исклучително добар кошаркар. Но, верувам во најдоброто можно сценарио за Македонија“, ни дополни новото засилување за четата на Давитков.

Жолто-црвените првиот меч од првата фаза од претквалификациите за ЕП 2021 ќе го одигра задутре против Словачка во Попрад, а в недела во „Јане Сандански“ ќе ја пречекаме Швајцарија.