Грчки Ираклис ангажира кошаркар кој ќе им игра со пасош на Македонија

Македонската кошарка по пауза од неколку години ќе има свој претставник во првенството на соседна Грција, откако поранешниот репрезентативец, Дариус Вашингтон (32 год., 188 см) вчера потпиша договор со екипата на Ираклис.

Станува збор за Американец со македонски пасош, зад кого се 18 настапи во НБА-лигата во дресот на Сан Антонио спарс и кој во перидоот од 2009 до 2014 година одигра неколку натпревари во жолто-црвениот дрес. Вашингтон повеќе пати беше дел од подготовките на националната селекција, но најчесто како резерва на сонародник кој исто така имаше наша патна исправа.

Искусниот бек зад себе има повеќе од солидна интернационална кариера со настапи за екипи како Ле Ман, Виртус Рома, Арис, Турк Телеком, Галатасарај и Нимбурк. Минатата сезона ја одигра во турската втора лига во дресот на Сакарија Бујуксехир со просек од 19,5 поени.

Ираклис е еден од грчките клубови со најбогата традиција, кој во моментов настапува во А2-лигата и жестоко се бори да се врати во елитната конкуренција. Еден од најпознатите кошаркари во историјата на овој клуб е и поранешниот македонски репрезентативец, Мирза Куртовиќ.