Голем проблем за Тодоров: Ѓуроски позитивен, нема да патува за Талин!

Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Александар Тодоров, денеска доби лоша вест дека на претстојните квалификациски средби против Италија и Естонија на турнирот во Талин (28-30 ноември) нема да може да смета на Стојан Ѓуроски, кој е заразен со Ковид-19.

Искусното крило имаше позитивен тест на коронавирусот по враќањето од Скопје во Шпанија, каде што настапува за второлигашот Аликанте, поради што мора да замине во изолација. Тоа, пак, ги урнува сите надежи дека ќе биде во составот на жолто-црвените на исклучително важните средби за пласман на ЕП 2022.

„За жал, нема да можам да му помогнам на националниот тим за битките во Талин. По враќањето од Скопје, каде што без да средам технички работи поврзани со работната дозвола во Шпанија, бев тестиран од страна на клубот. Тестот се покажа како позитивен, а тоа ме однесе во изолација. Според шпанските закони, има посебни правила за спортистите. Нема одреден број на денови кои морам да ги поминам во карантин, а за пет-шест дена ќе бидам повторно тестиран, па ќе видиме. Засега немам никакви симптоми. Немав контакт со никој од клубот, затоа што по враќањето прво што требаше да направам беше да се тестирам. Искрено ми е многу жал што нема да играм во Естонија, но што е, тука е. Здравјето е пред сè“, вели Ѓуроски.

Ѓуроски просечно играше по 20 минути на првите две квалификациски средби на Македонија против Естонија и Русија, со вкупно девет постигнати поени и шест скока.