Ги чита ли некој актите на ФИБА? МКФ може само да сонува за подготовки од 40 дена!

Желбата на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) за подготовки од дури 40 дена пред дуелите со Косово и Романија во втората фаза од претквалификациите за ЕП 2021, не само што може да го остави националниот тим без селектор туку предизвика и бура реакции како кај кошаркарите така и кај клубовите од Првата лига, а кои генерално беа – негативни.

ИГОР КРСТЕВСКИ

Јорданчо Давитков вчера потенцира дека нема дозвола од својот клуб Ал Кадсија (Кувајт) за ваков мегаломански тренажен процес за само два меча во три дена, што меѓу редови би значело и негова оставка ако претседателот Петар Наумоски и соработниците останат доследни на својата желба. Прашање е и со кои кошаркари би се одвивале тренинзите во една ваква ситуација, бидејќи е ептен дискутабилно дали клубовите би прифатиле да ги плаќаат своите играчи речиси еден ипол месец за тие да тренираат со националниот тим. Екипите кои ќе ги даваат репрезентативците би претрпеле голема штета, со оглед што би останале без носителите на играта во најважниот дел од подготвителниот период, а би ги добиле назад на само две недели пред почетокот на првенствените обврски.

Најголем проблем за МКФ за реализација на овој мегаломански проект, сепак, не се реакциите во кошаркарските кулоари туку тоа се – актите на Светската кошаркарска федерација (ФИБА). Таму е прецизно предвидено кога репрезентативците се должни да се појават на подготовките, како и кога клубовите мора да ги пуштат своите кошаркари на подготовки на националните тимови. За квалификациските средби кои се играат според принципот дома-гости во текот на неколку месеци (како нашите сега), актите на ФИБА предвидуваат рок кој не е поголем од – 72 часа. Тоа значи дека репрезентативците задолжително мора да бидат во репрезентативниот камп три дена пред првата средба, а секое претходно приклучување зависи само од нивната и од волјата на нивните клубови.

За средби од турнирски карактер, како што се Европското првенство (ЕП) или Мундобаскетот овој рок е пролонгиран на 28 дена пред првиот меч, додека на предолимписките турнири репрезентативците задолжително мора да одработат најмалку 14 дена со националниот тим. Знаејќи го овој член од Внатрешните правила на ФИБА (трет дел), тогаш прашање е зошто луѓето на МКФ воопшто и помислиле на едни вакви маратонски подготовки, кои не само што може да ги остават без селектор туку може да им донесат непријатни ситуации, па и војна со кошаркарите и со најголемите македонски клубови кои даваат најмногу репрезентативци.

Можеби во минатото бевме сведоци на поголем број подготвителни период од ваков или сличен карактер, но тоа беше пред новиот систем за натпреварување на ФИБА. Тогаш националниот тим се подготвуваше или за ЕП или за квалификации кои се играа во далеку поразличен формат, кога сите мечеви се играа во период од две недели поради што имаше поинакви законитости и правила. Од сегашна гледна точка, тренажен процес од 15-20 дена би ги задоволил сите актери во приказната, како и потребите за влегување во потребната форма доволна да се натпреваруваме на највисоко ниво со селекции како Косово и Романија.

Македонија мора да дојде до првото место во групата за да се пласира во квалификациите за ЕП 2021, а ако не го стори ќе мора да мине и низ трет претквалификациски циклус следната година.