Гечевски: Давитков одамна е надвор од Европа, затоа најдовме многу подобро решение!

Спортскиот директор на КФСМ, Тодор Гечевски, ги објави чекорите кои биле направени при обезбедување на потписот на новиот селектор, Александар Тодоров, потенцирајќи дека двете страни во преговорите покажале заеднички интерес.

„Преговорите траеја еден месец, но на крајот најдовме заеднички интерес. И ние и новиот селектор имаме заедничка цел, а тоа е пласман на следното ЕП“, изјави Гечевски.

На прашањето што е разликата помеѓу Тодоров и неговиот претходник, Јорданчо Давитков, одговор даде предводникот на македонската кошарка, Перо Антиќ, кој потенцира дека тој не бил отпуштен, туку само му завршил договорот.

„Договорот на Давитков беше завршен, поради што решивме да дадеме шанса на тренер со големо искуство, кој има работено во странство. Наш став, по консултациите со други лица од мак-кошарката, е дека Тодоров е вистинскиот човек за наш предводник на репрезентацијата во наредниот период“, изјави Антиќ.

На ова повторно се надоврза Гечевски.

„Наша цел е да се пласираме на ЕП, а досегашниот селектор Давитков подолг период работи надвор од европската кошарка. Спротивно од него, Тодоров постојано е присутен во европската кошарка, беше тренер во неколку различни земји и затоа веруваме дека тој е многу подобро решение“, дополни Гечевски.